13 причини зошто да не пиете газирани пијалоци

Profile picture of Simon S. Напишано од: Симон С. LinkedIn profile of Simon S.
|
Profile picture of Meri Simonovska Уредено од: Мери С.

Прекумерната консумација на пијалоци засладени со шеќер, како газираните сокови, може да доведе до зголемување на телесната тежина, безалкохолна масна болест на црниот дроб, дијабетес и срцеви заболувања. Овие пијалоци не предизвикуваат чувство на ситост, немаат есенцијални хранливи материи и можат да го зголемат ризикот од гихт и одредени видови рак. Ограничувањето или исфрлањето на ваквите пијалоци може значително да помогне во подобрување на здравјето и контрола на телесната тежина.

Во оваа статија:
Table of Contents

Покрај тоа што речиси не обезбедуваат есенцијални хранливи материи, пијалоците со додаден шеќер, вклучувајќи ги и газираните пијалоци, можат да доведат до здравствени компликации како зголемување на телесната тежина, безалкохолна масна болест на црниот дроб и дијабетес.

Кога се консумира прекумерно, додадениот шеќер може негативно да влијае врз вашето здравје. Меѓутоа, некои извори на шеќер се полоши од други — а пијалоците засладени со шеќер се далеку најлоши.

limenki koka kola - coca cola

Ова главно се однесува на газираните пијалоци со шеќер, но исто така и на овошните сокови, многу засладените кафиња и други извори на течен шеќер.

Во продолжение се 13 причини зошто газираните пијалоци со шеќер се штетни за вашето здравје.

1. Пијалоците со шеќер не предизвикуваат чувство на ситост и силно се поврзани со зголемување на телесната тежина

Најчестиот облик на додаден шеќер — сахароза (бел шеќер) — содржи големи количества едноставен шеќер наречен фруктоза. Фруктозата не го намалува хормонот за глад (грелин) ниту ја поттикнува ситоста на ист начин како глукозата, шеќерот што се создава кога се вари скробната храна (1), (2).

Поради тоа, кога консумирате течен шеќер, обично го додавате врз веќе постоечкиот внес на калории, затоа што пијалоците со шеќер не даваат чувство на ситост (3), (4), (5).

Една студија покажа дека луѓето кои пиеле газиран пијалок засладен со шеќер, покрај нивната редовна исхрана, внесувале 17% повеќе калории отколку претходно (6).

Не е чудно што истражувањата покажуваат дека луѓето кои редовно пијат пијалоци со шеќер постојано се здобиваат со поголема телесна тежина отколку оние кои не пијат (7), (8), (9).

Во една студија спроведена кај деца, секоја дополнителна дневна порција засладен пијалок беше поврзана со 60% зголемен ризик од дебелина (10).

2. Големите количества шеќер се претвораат во масти во црниот дроб

Сахарозата и сирупот од пченка со висок процент фруктоза содржат приближно еднакви делови глукоза и фруктоза. Глукозата може да ја метаболизира секоја клетка во телото, додека фруктозата може да ја метаболизира само црниот дроб.

Пијалоците со шеќер се најчестиот начин да се внесе прекумерна фруктоза. Кога ќе консумирате премногу фруктоза, црниот дроб се преоптоварува и ја претвора во масти (12).

Дел од тие масти се испраќаат како триглицериди во крвта, додека остатокот останува во црниот дроб. Со тек на време, тоа може да придонесе за безалкохолна масна болест на црниот дроб (13), (14).

3. Прекумерниот шеќер води до зголемено складирање масти околу стомакот

Големиот внес на шеќер се поврзува со дебелина, а особено фруктозата е поврзана со значително зголемување на опасните масти околу стомакот и органите (висцерални масти) (15).

Прекумерните висцерални масти се поврзани со зголемен ризик од тип 2 дијабетес и срцеви заболувања (16), (17).

Во едно 10-неделно истражување, 32 здрави луѓе пиеле пијалоци засладени со фруктоза или со глукоза. Оние кои консумирале глукоза таложеле масти под кожа, додека оние кои консумирале фруктоза значително ги зголемиле мастите во стомакот (18).

4. Пијалоците со шеќер можат да предизвикаат инсулинска резистенција – клучна карактеристика на метаболичкиот синдром

Хормонот инсулин ја пренесува глукозата од крвотокот во клетките. Но, кога пиете пијалоци богати со шеќер, клетките може да станат помалку чувствителни или отпорни на дејството на инсулинот.

Кога ќе се случи ова, панкреасот мора да создава уште повеќе инсулин за да ја отстрани глукозата од крвта, па нивото на инсулин станува високо.

Оваа состојба е позната како инсулинска резистенција и е главен двигател на метаболичкиот синдром — вовед во тип 2 дијабетес и срцеви заболувања (19).

Истражувањата на животни покажуваат дека прекумерниот внес на фруктоза предизвикува инсулинска резистенција и хронично зголемување на инсулинот (20), (21), (22). Кај луѓето, едно истражување покажа дека умерени количества фруктоза можат да ја зголемат инсулинската резистенција во црниот дроб (23).

5. Пијалоците засладени со шеќер може да се водечки прехранбен предизвикувач за тип 2 дијабетес

Тип 2 дијабетес е честа болест што погодува милиони луѓе ширум светот. Таа се карактеризира со покачено ниво на шеќер во крвта поради инсулинска резистенција или недоволно лачење инсулин.

Бидејќи прекумерниот внес на фруктоза може да предизвика инсулинска резистенција, не е изненадување што повеќе студии ја поврзуваат консумацијата на газирани засладени пијалоци со зголемен ризик од тип 2 дијабетес.

Всушност, дури и една лименка газиран пијалок дневно е поврзана со значително зголемен ризик од тип 2 дијабетес (24), (25), (26), (27).

Една неодамнешна студија што ги разгледала податоците за шеќерот и дијабетесот во 175 земји покажала дека со секои дополнителни 150 калории од шеќер дневно — околу една лименка газиран пијалок — ризикот од тип 2 дијабетес се зголемува за 1.1% (28).

6. Засладените газирани пијалоци не содржат есенцијални хранливи материи — само шеќер

Газираните пијалоци со шеќер речиси и да не содржат никакви витални хранливи материи — без витамини, минерали или растителни влакна. Тие не придонесуваат ништо во исхраната освен прекумерна количина шеќер и непотребни калории.

7. Шеќерот може да предизвика отпорност на лептин

Лептинот е хормон што се создава во масните клетки и го регулира бројот на калории што ги внесувате и трошите. Имено, тој често се нарекува “хормон за ситост“ или “хормон за глад“.

Отпорноста на дејството на овој хормон — позната како лептинска резистенција — се смета за еден од водечките фактори за зголемување на телесната тежина кај луѓето.

Истражувањата врз животни покажуваат дека големиот внес на фруктоза може да доведе до отпорност на лептинот. Во една студија, стаорците станале отпорни на лептин по исхрана богата со фруктоза. Кога повторно почнале да се хранат без шеќер, отпорноста на лептин се повлекла (34), (35).

8. Газираните пијалоци со шеќер може да создадат зависност

Постојат наводи дека пијалоците со шеќер можат да бидат зависни. Кај стаорците, прекумерното внесување шеќер предизвикува лачење на допамин во мозокот, што создава чувство на задоволство (36).

Сличен ефект може да се случува кај некои луѓе, бидејќи нашиот мозок е програмиран да бара активности кои ослободуваат допамин. Всушност, повеќе истражувања покажуваат дека шеќерот и преработената “junk” храна можат да влијаат врз мозокот речиси исто како тешките дроги (37).

Кај поединци кои се наклонети кон зависности, шеќерот може да предизвика однесување на “барање награда“ слично на зависност од храна. Студиите врз стаорци докажаа дека шеќерот може да биде и физички зависен (38), (39), (40).

9. Засладените пијалоци можат да го зголемат ризикот од срцеви заболувања

Внесот на шеќер долго време се поврзува со ризик од срцеви заболувања (41), (42). Познато е дека пијалоците засладени со шеќер ги зголемуваат факторите на ризик за срцеви заболувања, вклучувајќи високо ниво на шеќер во крвта, триглицериди и мали, густи честички LDL (16), (43).

Нови истражувања на луѓе покажуваат силна врска помеѓу внесот на шеќер и ризикот од срцеви заболувања (44), (45), (46), (47), (48), (49).

Долгогодишно истражување кое следело 40.000 мажи за период од 20 години утврдило дека оние што пиеле по еден засладен пијалок дневно имале 20% поголем ризик да добијат — или да починат од — срцев удар, споредено со мажи кои ретко консумирале такви пијалаци (50).

10. Консумирањето газирани пијалоци е поврзано со поголем ризик од рак

Ракот често оди рака под рака со други хронични болести како дебелина, тип 2 дијабетес и срцеви заболувања. Поради ова, не е изненадувачки што засладените пијалаци често се поврзуваат со зголемен ризик од рак.

Една студија со над 60.000 испитаници открила дека оние што пиеле 2 или повеќе засладени газирани пијалоци неделно имале 87% поголем ризик од развој на рак на панкреасот, споредено со оние што не пиеле (51).

Друга студија за ракот на панкреасот открила силна поврзаност кај жени, но не и кај мажи (52). Постменопаузалните жени кои пијат многу засладени пијалоци може да имаат зголемен ризик за ендометријален карцином (53).

Дополнително, внесот на пијалоци засладени со шеќер е поврзан со повторна појава на рак и смртност кај пациенти со колоректален карцином (54).

11. Шеќерот и киселините во газираните пијалоци се катастрофални за забите

Добро е познато дека засладените газирани пијалоци се штетни за забите. Тие содржат киселини како фосфорна и јаглеродна киселина, кои создаваат многу кисела средина во устата, правејќи ги забите подложни на расипување.

Иако и самите киселини можат да предизвикаат оштетување, нивната комбинација со шеќерот е особено штетна. Шеќерот е “храна“ за штетните бактерии во устата, а киселините само дополнително ги засилуваат оштетувањата на забите (55), (56).

Овој процес со тек на време сериозно ја нарушува здравата состојба на забите (57), (58).

12. Ониe што пијат газирани пијалоци имаат драстично зголемен ризик од гихт

Гихт е состојба што се карактеризира со воспаление и болка во зглобовите, особено во палецот на стопалото. Најчесто се појавува кога високото ниво на мокрачна киселина во крвта се кристализира (59).

Фруктозата е главниот јаглехидрат што може да го зголеми нивото на мокрачна киселина (60). Поради тоа, многу големи опсервациски студии пронашле силна врска меѓу засладените пијалоци и гихт.

Долгорочните истражувања покажуваат дека пиењето засладени пијалоци е поврзано со 75% поголем ризик од гихт кај жените и речиси 50% поголем ризик кај мажите (61), (62), (63).

13. Консумирањето шеќер е поврзано со зголемен ризик од деменција

Деменцијата е општ поим за опаѓање на функциите на мозокот кај постарите лица, а најчеста форма е Алцхајмерова болест. Истражувањата покажуваат дека секое зголемување на нивото на шеќер во крвта е поврзано со поголем ризик од деменција (64), (65).

Тоа значи дека колку е повисоко нивото на шеќер во крвта, толку е поголем ризикот од деменција. Бидејќи пијалоците засладени со шеќер предизвикуваат нагло покачување на шеќерот во крвта, логично е дека тие би можеле да го зголемат и ризикот од деменција.

Истражувањата кај глодачи покажуваат дека големи количества шеќер можат да ја влошат меморијата и донесувањето одлуки (65).

Заклучок

Пиењето големи количества пијалоци засладени со шеќер — како газирани сокови — може да има многу негативни влијанија врз здравјето: од расипување на забите, зголемена телесна тежина и поголем ризик од метаболички нарушувања, па сè до срцеви заболувања и тип 2 дијабетес.

Редовната консумација на вакви пијалоци е еден од најконзистентните фактори на ризик за дебелина и прекумерна тежина. Доколку сакате да ослабете, да избегнете хронични болести и да живеете подолго, размислете да ги ограничите или целосно да ги исфрлите засладените газирани пијалоци од вашата исхрана.