Витаминот Ц е есенцијален витамин кој не се произведува во нашето тело, а е поврзан со многу здравствени придобивки. Тој е присутен во многу зеленчуци и овошја како на што се портокали, јагоди, киви, брокули, спанаќ и многу други.
Потребната дневна доза од овој витамин е 75мг за жени и 90мг за мажи (1).
Иако е најдобро да се внесува витамин Ц преку храна и пијалоци, многу луѓе одлучуваат да земаат суплементи со витамин Ц за да ги задоволат дневните потреби.
Витамиинот Ц има големи придобивки за здравјето, а подолу се набројани седум научно докажани придобивки кои ги има овој витамин.

Го намалува ризикот од хронични заболувања
Витаминот Ц е силен антиоксидант кој ги зајакнува природните одбранбени системи на нашето тело (2).
Антиоксидансите се молекули кои го подобруваат имуниот систем со тоа што ги заштитуваат клетките од штетни молекули наречени слободни радикали. Кога ќе се зголеми бројот на слободни радикали во телото, се појавува состојба на оксидативен стрес која е поврзана со многу хронични заболувања (3).
Многу истражувања покажуваат дека со зголемувањето на витаминот Ц се зголемува и нивото на антиоксиданси во крвта за 30% што му помага на нашиот имун систем да се бори против воспаленија (4, 5).
Помага со менаџирање на високиот крвен притисок
Високиот крвен притисок е многу честа појава во светот (6).
Високиот крвен притисок го зголемува ризикот од срцеви заболувања кој е најголем причинител на смрт во целиот свет (7).
Неколку студии покажале дека суплементи со витамин Ц помогаат да се намали систолниот (горен) крвен притисок за 3.8mmHg, а дистолниот (долен) крвен притисок за 1.5mmHg кај здрави возрасни личности.
Витаминот Ц успеал да го намали притисокот и кај луѓе со висок крвен притисок за 4.9 и 1.7mmHg (8).
Го намалува ризикот од срцеви заболувања

Има многу фактори кои го зголемуваат ризикот од срцеви заболувања вклучувајќи висок крвен притисок, високо ниво на триглицериди во крвта, високо ниво на лош (LDL) холестерол и ниски нивоа на добар (HDL) холестерол.
Ц витаминот ги намалува овие фактори што значи дека има улога во спречување на срцевите заболувања.
Една анализа од 9 студии во кои учествувале 293,172 испитаници покажала дека после 10 години, луѓето кои земале 700мг дневна доза од витамин Ц имале за 25% намален ризик од срцеви заболувања (9).
Може да го намали нивото на урична киселина во крвта и да спречи напади на гихт
Гихт е вид на артритис со симптоми на огромна болка, воспаление на зглобовите и потекување (10).
Овие симптоми се манифестираат кога има преголема количина на урична киселина во крвта. Уричната кисела е отпаден материјал кој се произведува во нашето тело. Кога оваа киселина достигнува високо ниво на застапеност може да се кристализира и да се пренесе во зглобовите.
Неколку истражувања покажале дека витаминот Ц може да го намали нивото на оваа киселина што помага во превенцијата од гихт. Една студија во која учествувале 1387 мажи покажала дека оние кои конзумирале највеќе витамин Ц имале значително пониско ниво на урична киселина во крвта (11).
Друго истражување кое траело 20 години покажало дека внесувањето на витамин Ц го намалило ризикот од гихт за 44% (12).
Помага да се спречи намалување на нивото на железо во крвта
Железото е многу важна состојка бидејќи помага со многу функции во телото. Есенцијално е за правење црвени крвни клетки и пренесување на кислородот низ целото тело.
Суплементите со витамин Ц помагаат да се зголеми апсорпцијата на железото од храната која ја јадеме. Исто така помага и при конвертирање на железото кое е во послаба форма која најчесто се наоѓа во растителните продукти во форма која е полесна за апсорбирање за нашиот организам (13).
Конзумирањето на само 100мг витамин Ц ја подобрува апсорпцијата на железо за 67% (14).
Едно истражување покажало дека суплементите со витамин Ц помогнале на 65 деца со анемија (15).
Го подобрува имунитетот
Витаминот Ц е одличен за подобрување на имунитетот бидејќи помага во многу области на имуниот систем.
Витаминот Ц помага при произведувањето на бели крвни клетки кои се задолжени да го заштитат телото од инфекции (16).
Овој витамин им помага на белите крвни клетки да бидат поефикасни, а воедно и ги заштитува од штетни молекули како што се слободните радикали.
Витаминот Ц има улога и во заштитата на кожата. Тој активно се пренесува до кожата каде што делува како антиоксидант и помага да се зацврстат бариерите на кожата (17).
Повеќе студии покажале дека внесувањето на витаминот Ц го скратува времето на закрепнување од рани (18, 19).
Ја подобрува меморијата и мозокот како што старееме
Деменцијата е болест чии симптоми се губење на меморијата и когнитивната способност на мозокот. Таа е широко распространета и ја имаат 35 милиони од светското население (20).
Неколку истражувања покажуваат дека оксидативниот стрес на централниот нервен систем го зголемува ризикот од деменција (21).
Витаминот Ц е силен антиоксидант, а ниски нивоа на витамин Ц се поврзани со намалена способност за размислување и проблеми со помнење (22, 23).
Неколку студии покажале дека нивоата на витамин Ц во крвта се многу намалени кај луѓе кои имаат деменција (24, 25).
Високиот внес на витамин Ц преку храна и суплементи се покажал како многу ефикасен начин да го заштитиме помнењето и способноста да размислуваме (26, 27, 28).
3 Replies to “Седум придобивки од витамин Ц”