Сезонскиот грип е честа вирусна инфекција што најчесто поминува без компликации, но за ранливите групи, како постари лица и хронично болни, може да биде фатална. Вакцинацијата, иако не е целосно ефикасна, значително ги намалува ризиците од сериозни компликации. Освен вакцина, редовното миење раце, одржување на хигиената, зајакнување на имунитетот и избегнување контакти со болни луѓе се важни мерки за заштита од грип.
Во оваа статија:
Сезонскиот грип, исто така познат како инфлуенца, е горно респираторна инфекција која ги зафаќа носот и грлото, но може да манифестира инфламација и на белите дробови. Грипот е инфекција која е предизвикана од вирус. Вирусите на инфлуенца се различни од оние на „стомачните“ кои предизвикуваат дијареа и повраќање.
Најчесто симптомите на грип, но и самата инфекција поминува лесно без компликации, но понекогаш, грипот и неговите компликации можат да бидат смртоносни. Медицината денес нуди решенија за заштита и превенција од сезонскиот грип, преку вакцинација како начин на имунизација.

Иако вакцината не е 100% ефикасна, таа ги намалува шансите за сериозни компликации од грипот. Ова е особено важно за луѓе или пациенти кои се изложени на висок ризик од компликации од грип. Во оваа група спаѓаат стари изнемоштени, пациенти со автоимуни заболувања, канцер пациенти и други коморбидитети.
До 85 проценти од сезонските смртни случаи предизвикани од грип се кај луѓе на возраст од 65 години или повеќе. Ако припаѓате на оваа возрасна група, важно е да знаете како да се заштитите пред и по изложувањето на вирусот.
Освен вакцината како начин на имунизација, можете да превземете и други чекори за да си помогнете во спречување на инфекција со грип. За тоа ќе зборуваме малку подолу во текстот.
Начин и механизми на зараза со грип
Грипот е предизвикан од (група) вируси, oвие вируси патуваат низ воздухот во капки кога заболено лице, зборува, кива или кашла. Вирусот може да се пренесе преку овие капки доколку ги вдишеме или доколку дојдеме во контакт со површина на која се наоѓа вирусот, а потоа со нечисти раце ги допреме очите, носот или устата.
Болен човек може да биде заразен или вирулентен и да го пренесува вирусот еден ден пред да се појават симптомите на грип па се до 4-7 денови по нивното појавување, пациентите со компримитиран имун систем заразата може да ја шират и малку подолго од 7 денови.
Вирусите на грип често се менуваат и поради оваа нивна промена се појавуваат нови соеви, за што ќе објасниме подетално во понатамошниот тек на овој текст.
Првата инфекција од одреден сој на вирусот на инфлуенца кај одредена индивидуа ќе му даде долгорочна заштита од истиот сој или слични соеви на вирусот, но нема да го заштити од новонастанатите соеви на вирусот.
Ваквите афинитети на вирусот му овозможуваат секоја година во тек на зимските месеци кога е и пикот на самиот вирус (декември-февруари) да предизвика заболување дури кај 1 милијарда луѓе глобално.
Типови на инфлуенза вирус (грип)
Постојат 4 типа на инфлуенца вирус А, Б, Ц и Д од кои А и Б соевите на вирусот предизвикуваат сезонски епидемии речиси секоја зимска сезона глобално.
Вирусите на инфлуенца А се единствените вируси на грип за кои се знае дека со сигурност може да предизвикаат пандемии на грип (т.е. глобални епидемии на грип). Пандемија може да се случи кога ќе се појави нов и различен сој вирус од групата А кој ги инфицира луѓето, има способност ефикасно да се шири меѓу луѓето и против кој луѓето имаат мал или никаков имунитет. Инфекциите со вирусот на инфлуенца Ц генерално предизвикуваат блага болест и не се смета дека предизвикуваат човечки епидемии. Вирусите на инфлуенца Д првенствено влијаат на добитокот со дополнителен пренос и зараза на други животни, но не е познато дека ги инфицираат луѓето за да предизвикаат болест.
Вирусите на инфлуенца А се поделени на подтипови врз основа на два протеини на површината на вирусот: хемаглутинин (H) и неураминидаза (N). Постојат 18 различни подтипови на хемаглутинин и 11 различни подтипови на неураминидаза (H1- H18 и N1 до N11). Додека повеќе од 130 комбинации на подтипови на грип А се идентификувани во природата,кои првенствено доаѓаат од диви птици, потенцијално има многу повеќе комбинации на подтип на грипот А, со оглед на склоноста на вирусот за структурно и генетско регрупирање или ре-типизација. Овој процес на регрупирање или ретипизација е процес со кој вирусите на грип ги заменуваат своите генските сегменти со генетските сегменти од друг вирус. Овој процес може да се случи кога два вируси на грип ќе се најдат во еден домаќин во исто време и ќе ги заменат генетските информации. Ова може да се случи и кај животните и кај човекот, од што ќе зависи вирулентноста на самиот сој на вирус или неговата способност да предизвика епидемии или пандемии. Тековните подтипови на вируси на грип А кои рутински циркулираат кај луѓето вклучуваат протеини на својата површина означени како A(H1N1) познат како СВИНСКИ ГРИП и A(H3N2) или А (H5N1) уште познат и како ПТИЧЈИ ГРИП. Подтиповите на вирусот на инфлуенца А и лозата на вирусот на инфлуенца Б може дополнително да се поделат на различни генетски “ соеви” и “ подсоеви”.
Симптоми на грип (инфлуенца)
Вирусите кои предизвикуваат грип се шират на високо ниво во одредени периоди од годината на северната и јужната хемисфера. Овие се нарекуваат сезони на грип. Во Република Македонија, сезоната на грип обично трае помеѓу октомври и мај.
Симптомите на грип како што се болки во грлото и течење или затнат нос се чести. Овие симптоми може да ги добиете и со други болести како настинка. Но, настинките обично започнуваат бавно, а грипот има тенденција да се појави брзо, во рок од два или три дена откако ќе стапите во контакт со вирусот. И додека настинката може да биде проследена со симптоми на малаксаност и летаргичност, обично симптомите кои што ги дава вирусот на инфлуенца се со појак интензитет и карактер.
Најчесто симптомите на грип се следни:
- Грозница
- Малаксаност
- Сува кашлица
- Главоболие
- Мускулна Болка
- Претерано потење
Кога да го консултирате вашиот лекар?
Повеќето луѓе кои имаат грип можат да се справат со него дома и честопати не треба да одат кај својот лекар.
Но доколку имате симптоми на грип и сте изложени на ризик од компликации, веднаш посетете го вашиот матичен лекар. Започнувањето на антивирусна терапија и лекови во рок од два дена откако ќе се појават симптомите може да го скрати времетраењето на вашата болест и да помогне да се спречат посериозни проблеми.
Ако имате сериозни симптоми на грип, веднаш побарајте медицинска помош. За возрасни, сериозни симптоми вклучуваат:
- Проблеми со дишењето или отежнато дишење.
- Болка или притисок во градите.
- Постојана вртоглавица.
- Тешко будење или збунетост во текот на денот.
- Температура повисока од 39 степени целзиусови
- Дехидрација
- Влошување на постоечките медицински состојби.
- Слабост или болка во мускулите.
Сериозни симптоми кај децата ги вклучуваат сите симптоми забележани кај возрасните, како и:
- Брзи и плитки вдишувања.
- Сиви или сини усни.
- Плачење без солзи, сува уста, како и немање потреба од мокрење.
- Симптоми, како што се треска или кашлица кои се подобруваат, но потоа се враќаат или се влошуваат.
Ризик групи и фактори кои може да доведат до компликации
Стари и изнемоштени и деца
Сезонскиот грип има тенденција да има полоши исходи кај малите деца, особено кај оние на возраст од 2 години и помлади. Возрасните постари од 65 години, исто така, имаат тенденција да имаат полоши исходи.
Услови за живеење
Луѓето кои живеат во објекти со многу други жители, како што се домовите за стари лица, имаат поголема веројатност да добијат грип, но и големи балкански фамилии, повеќе члени семејства под ист покрив.
Ослабен имунолошки систем
Имунолошкиот систем кој брзо не го отстранува вирусот на грип може да го зголеми ризикот од добивање грип или компликации од грип. Луѓето може да имаат ослабен одговор на имунолошкиот систем уште од раѓање, поради болест или поради лекување на болеста или лекови.
Хронични заболувања
Хроничните состојби може да го зголемат ризикот од компликации од грип. Примерите вклучуваат астма и други белодробни заболувања, дијабетес, срцеви заболувања, болести на нервниот систем, претходна историја на мозочен удар, метаболички нарушувања, проблеми со дишните патишта и болести на бубрезите, црниот дроб или крвта.
Бременост
Бремените жени имаат поголема веројатност да развијат компликации од грип, особено во вториот и третиот триместар.
Дебелината
Луѓето со индекс на телесна маса (БМИ) од 40 или повисок имаат зголемен ризик од компликации од грип.
Ако сте млади и здрави, грипот обично не е сериозен. Иако може да се чувствувате ужасно додека го имате, грипот обично исчезнува за една или две недели без трајни ефекти. Но, луѓето со висок ризик може да развијат други здравствени проблеми односно компликации по грипот.
Секундарна инфекција од друг тип патоген ( бактерии) може да биде компликација од добивање на вирусот на грип. Тоа вклучува болести како што се круп и синуси или инфекции на увото. Белодробните инфекции се уште една компликација. Инфекција на срцевиот мускул или слузницата на срцето може да се случи по добивање на грип. И во некои случаи, луѓето може да имаат инфекција на централниот нервен систем.
Други компликации може да бидат:
- Синдром на акутно респираторно нарушување.
- Мускулно оштетување,
- Токсичен шок синдром.
- Влошување на хронична болест, како што е астма или бубрежна болест.
Имунизација и превенција на грип
Како што напоменавме вакцината не е 100% ефикасна и поради тоа е потребно да превземете чекори и мерки кои ќе ја намалат можноста да се изложите и заболите од вирусот на инфлуенца.
Мијте ги рацете редовно
Бидејќи вирусот на грип може да преживее на тврди површини, навикнете се редовно да ги миете рацете. Ова е особено важно пред подготовка на храна и јадење. Исто така, секогаш мијте ги рацете по користење на тоалет.
Носете шише со гел за дезинфекција на рацете и дезинфицирајте ги рацете во текот на денот кога сапун и вода не се достапни.
Треба да го правите ова откако ќе дојдете во контакт со често допирани површини, вклучувајќи:
- кваки на врати
- прекинувачи за светло
- пултови
Не само што треба редовно да ги миете рацете, туку треба и свесно да избегнувате допирање на носот, устата или очите. Вирусот на грип може да се пренесе преку воздух, но може да влезе во телото и преку рацете што го допреле лицето.
Кога ги миете рацете, користете топла вода со сапун и тријте ги рацете најмалку 20 секунди. Исплакнете ги рацете и избришете ги со чиста крпа.
За да избегнете допирање на лицето, кашлајте или кивајте во марамче или во лактот. Фрлете ги марамчињата веднаш.
Зајакнете го имунолошкиот систем
Зајакнувањето на имунолошкиот систем е од суштинско значење за одбрана од грип и други вируси. Неколку начини како да го зајакнете вашиот имунитет вклучуваат:
- здравата исхрана богата со витамини и минерали
- редовно вежбање
- добар сон
- намалување на стресот
Витамин Ц, витамин Д и цинк се особено важни за силен имунитет. Консумирањето на овие нутриенти може да ви помогне да го поддржите телото во борбата против инфекции.
Освен здрава исхрана, редовното вежбање исто така го зајакнува имунитетот. Обидете се да останете активни, дури и со кратки прошетки или лесни вежби дома.
Останете хидрирани
Пиењето доволно вода е важно за целокупното здравје, вклучително и за одржување на имунолошкиот систем. Водата помага да ги исфрлите токсините од телото и да ги одржите вашите мукозни мембрани влажни, што е клучно за одбрана од инфекции.
Обидете се да пиете најмалку 8 чаши вода на ден. Можете исто така да пиете чај, супи и други течности за да останете хидрирани.
Избегнувајте да го допирате лицето
Држењето на рацете подалеку од очите, носот и устата помага да се оддалечат бактериите од тие места.
Покријте ја устата кога кашлате или кивате
Кашлајте или кивајте во марамче или во лактот. Потоа измијте ги рацете.
Чиста површина
Редовно чистете ги често допираните површини за да спречите ширење на инфекцијата, така спречувате вирусот да дојде во контакт со вашите раце, а потоа и вашето лице.
Избегнувајте големи групи на луѓе
Во типична година, ако можете да го ограничите контактот со луѓето за време на сезоната на грип, можете да го намалите ризикот од инфекција.
Грипот може брзо да се шири во затворени простори. Ова вклучува училишта, работни места, старечки домови и установи за згрижување.
Ако имате ослабен имунитет, носете маска секогаш кога сте на јавно место за време на сезоната на грип.
Можете исто така да се заштитите така што ќе се држите подалеку од луѓе кои се болни. Држете се на растојание од секој кој кашла, кива или има други симптоми на настинка или вирус.
Исто така, избегнувајте секој што е болен.
И клучно,
Ако сте болни, останете дома додека не се чувствувате подобро и не сте имале треска цели 24 часа, а не сте земале лекови за треска за тоа време. Ако ви се врати треската или почнете да се чувствувате полошо, останете настрана од другите додека не се подобрат симптомите и додека не останете без треска без лекови 24 часа. Со тоа ќе ги намалите шансите да заразите други.
Заклучок
Грипот може да биде сериозна болест, особено за постарите лица и оние со ослабен имунитет. Со преземање на соодветни мерки на претпазливост, како што се избегнување на големи групи, миење на рацете, зајакнување на имунитетот и вакцинација, можете значително да го намалите ризикот од инфекција.
Останете хидрирани, водете грижа за вашето здравје и консултирајте се со лекар кога е потребно за да останете заштитени оваа сезона на грип.